Saturday, April 24, 2021

112 години Манчестер Јунајтед

 


112 години Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед како клуб има богата историја исполнета со многу добри и лоши моменти кои засекогаш ќе останат врежани како дел од идентитетот на овој клуб. Ние како негови навивачи сме привилегирани, но и делумно обврзани да бидеме запознаени со дел од овие најважни моменти од неговата историја.

За тие од вас кои ги интересира историскиот дел на клубот, сигурно знаат дека Јунајтед своето денешно име го добива на денешен ден во 1902 – та година, а тоа значи дека оваа година клубот слави 112 години постоење и функционирање под името Манчестер Јунајтед. Во овој пост ќе ги прикажеме причините и најважните детали од овој важен момент во клупската историја.

На почетокот од 20 – иот век Њутон Хит претставува неатрактивен тим кој е дел од Втората Дивизија, финансиски немоќен клуб со некомпетентна управа. Тоа претставувало тежок период кој ни од блиску не ги исполнувал финансиските квоти за успешно функционирање како таков. Главниот финансиски прилив бил од наплатата на влезните билети за мечевите на клубот, но тие ни од блиску не биле доволни за нормалното работење, а да не зборуваме за привлекување на некои од подобрите играчи од лигата.

Тогашен капитен на клубот е Хери Стафорд, кој историјата ќе го запамети како човекот кој неуморно, освен на теренот, се борел и за опстојувањето на клубот преку разни акции на кои се правеле обиди за собирање на средства кои потоа биле донирани во клубот. Како голем љубител на животни, Стафорд во своја сопственост го имал бернандинецот Мејџор, кој за време на натпреварите шетал низ публиката со лимена корпа закачена околу неговиот врат во која навивачите донирале пари кои потоа Мејџор ги носел кај својот сопственик, а овој ги донирал во клупската каса. Мејџор бил толку популарен што дури на некои фотографии од тој период може да се види заедно со тимот (види главна слика).

Во февруари 1901 – та година клубот запаѓа во уште потешка финансиска состојба, па Стафорд смислува нов план како Њутон Хит да ги добие потребните 2670 фунти колку што бил и клупскиот долг, а поради кој Њутон Хит би можел да банкротира. Тој организира еден вид на саем на Сент Џејмс Хол во Манчестер каде се продаваат разни продукти, а профитот оди директно за клубот, додека пак Мејџор е пуштен да шета низ целиот град со надеж дека ќе собере доволно донации од граѓаните на Манчестер.

Денот се покажува како катастрофален. Најпрво, поради фактот ни од блиску не биле собрани доволно средства како што се очекувало и второ шетајќи низ градот се губи секаква трага на Мејџор. По неколку дена во еден од локалните весници во Манчестер се појавува напис дека е пронајден бернандинец во еден од пабовите на Пиварата од Манчестер. Тој паб е во сопственост на Џон Хенри Дејвис кој воедно е и сопственик на Пиварата, а Мејџор бил токму такво куче какво на подарок сакала да добие ќерката на Дејвис. Сепак, Хери Стафорд доаѓа во пабот во потрага по Мејџор и тогаш се случува еден од најважните моменти во историјата на клубот. Стафорд и Дејвис се договараат дека тој ќе вложи пари во клубот да му помогне да излезе од тешката финансиска состојба, додека за возврат Стафорд ќе му го отстапи Мејџор на Дејвис.

Профилот на Дејвис велел дека се работи за исклучително финансиско моќна индивидуа. Иако, тој премногу не бил вклучен во спортските активности, сепак го сакал спортот како активност која земала се поголем замав во тогашното општество. Од тој момент Дејвис ги презема сите конци во клубот во свои раце. Првото нешто за кое е тој заслужен секако е отплатата на сите долгови на клубот и менување на клупските бои од жолта и зелена во црвена и бела.

Освен веќе настанатите промени Дејвис сметал дека името на клубот треба да биде променето, бидејќи Њутон Хит повеќе од десет години не ги играл своите натпревари во истоимената населба во градот. На 24 – ти април 1902 година се случува состанок на директорите на клубот, претставници на фановите и останатите заинтересирани страни за да се дискутира за овој предлог. Промената на името била прифатена, па следна точка на дневниот ред била да се избере конкретното ново име на клубот.

Прв предлог бил Манчестер Селтик, кој по кратка дискусија бил отфрлен. Вториот бил Манчестер Централ, но и овој предлог бил отфрлен поради тоа што присутните сметале дека таквото име повеќе наликува на назив на железничка станица отколку име за фудбалски клуб. Тогаш еден 19 годишен фан по име Луис Рока од позадина го предложил името Манчестер Јунајтед, коe им се допаднало на присутните и решиле клубот да го добие тоа име кое трае до денес.

Од тој ден Њутон Хит се заменува со Манчестер Јунајтед. Останатото е историја…

http://www.manchesterismyheaven.com

 

Следете не на: 


Facebook:
https://www.facebook.com/MANCHESTER.UNITED.MACEDONIA.FAN

instagram: https://www.instagram.com/manchesterunitedmacedonia/



No comments:

Post a Comment